И покрај 20 години чекање членство во ЕУ, но и тешките одлуки кои моравте да ги донесете сè уште не се знае кога ќе станете членка на европското семејство, изјави словачкиот претседател Петер Пелегрини кој е во дводневна официјална посета на нашата земја. Тој притоа искажа силна поддршка за нашето членство но и отворени критики за политиките на проширување. ЕУ не може да си игра со довербата на оваа земја особено по децении мачни реформи, порача Пелегрини.
-Навистина минавте нелесен пат кон ЕУ, знам колку беше тешко да се реши прашањето за името на вашата земја. Тука можеби малку и ќе критикувам кога ќе кажам дека постојано се појавуваат нови услови и искрено ЕУ прави голема грешка. Интеграцијата на вашата земја во ЕУ не треба да се злоупотребува. Не треба да се злоупотребува со вакви политички спорови, изјави словачкиот претседател Петер Пелегрини
Претседателката Гордана Силјановска Давкова која од својот колега Пелегрини доби букет цвеќе, му се заблагодари за поддршката и притоа истакна дека за зачленувањето во ЕУ треба да се исполнат копенхагенските критериуми, а не билатерални прашања. Таа очекува и за овие прашања да се разговара при утрешната посета со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
-Двајцата делиме став дека проширувањето мора да се темели на копенхагенските критериуми од кои не треба да бегаме. Значи, да е засновано на заслуги и да е засновано на резултати, да не зависи од дополнителни ирационални политички условувања кои што на некој начин го узурпираат процесот на евроинтеграцијата, изјави претседателката Гордана Силјановска Давкова.
Инаку, при денешната посета на словачките гости беше потпишан Меморандум за економска соработка меѓу Македонија и Словачка, со што беше речено дека на тој начин уште повеќе ќе се развијат меѓусебните односи.
