Македонија има доволно брашно – неделава се очекува покачување на цената

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Млиновите во Тетово немаат недостаток на пченица и брашно, велат од двете фабрики за производство на брашно, Г8 и ВитаМил. Според нив, цената на брашното во Македонија не зависи од фабриките, туку од цената на пченицита на пазарот. Како што велат, Македонија има капацитет за снабдување на домашниот пазар и има залихи до следната жетва.

„Во овој временски период има многу брашно и количините се загарантирани до новите жетви. На почетокот имавме проблем со зголемувањето на цената на пченицата, кога имавме побарувачка за откуп. Цената скокна од 11 на 13 денари. Пченицата од Србија е скапа, а сега ќе има благо поскапување“, истакна Џељал Халили.

„Има доволно брашно, бидејќи состојбата се стабилизира. И залихи на пченица има. Во однос на цените, мислам дека ќе се зголемат, бидејќи и пченицата поскапе“, додава Емин Халили. 

Во моментов еден килограм пченица на пазар чини 13 денари, а во текот на неделата се очекува цената да се зголеми за 1 денар, поради што се очекува да се промени и цената на брашното.
Засега малопродажната цена на вреќа брашно од 25кг, тип 400 кој се користи за производство на леб изнесува 550 денари. Но, по прогласувањето на вонредната состојба во земјава, цената на вреќа брашно во маркетите достигна дури до 900 денари. Производителите уверуваат дека тие воопшто не ја покачиле цената на брашното.