Групата од осум ученици од Северна Македонија кои беа во регионот каде што се случи силниот земјотрес во Турција се од Гостивар, Тетово и општина Маврово и Ростуше. Министерот за надворешни работи, Бујар Османи рече дека сите се добро и вон животна опасност, додавајќи дека во два часот по полноќ нашиот дипломат во Турција му испратил фотографии со учениците, информирајќи го дека сите се живи и здрави.
Со цел да ѝ излезе пресрет на Турција, вчера Владата одржа вонредна седница на која беше донесена одлука за испраќање итна помош. Османи рече дека екипите веќе треба да се на пат кон Турција.
Од Министерството за одбрана и АРМ велат дека екипите се веќе испратени, а со себе имаат и кучиња обучени за трагање.
„Армијата подготви и веќе упатува обучен тим за пронаоѓање и спасување, составен од припадници на баталјонот за специјални сили и двајца водачи со службени кучиња обучени за трагање од командата за обука и доктрини, кои ќе го вложат својот максимум и обученост за спасување на човечки животи под урнатините настанати од катастрофалниот земјотрес во нашиот сојузник Туркије“, велат од Армија.
Дирекцијата за заштита и спасување информираше дека група од 39 обучени спасувачи заминале за Турција, а се опремени со средства за пребарување и 10 возила за транспорт на опрема и луѓе. Кон Турција вчера се упатија и пожарникари од Тетово, Чаир, Гостивар, Битола, Струмица, рудари од пробиштип, како и екипи од други општини.
