Македонија нема да го признае референдумот за анексија на делови од Украина кон Русија. Ова го изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи кој истакна дека тоа е класично кршење на меѓународното право што доколку се прифати ваков преседан се доведуваат во опасност и многу мали држави како Македонија. За него е неприфатливо што дел од македонските граѓани ја оправдуваат руската агресија врз Украина.
„Кажувам јасен став на Република Северна Македонија дека се тоа манипулативни референдуми кои што имаат цел да создадат лажно алиби за анектирање на окупирани територии на соседни држави и ние нема да признаеме такви референдуми. Рушењето на принципите на меѓународното право го ставаат светот под ризик на нови војни, на нови конфликти нови пристапи од типот поголеми држави да напаѓаат и анектираат помали држави и оттука е многу важно Украина да победи во оваа војна“, изјави министерот за надворешни работи, Бујар Османи.
Османи изрази загриженост што дебатата за употребата на нуклеарното оружје е се поприсутна и е дел од секојдневниот политички дискурс.
„Самото спомнување веќе во дневната размена на политички ставови на нуклеарна војна е преминување на една психолошка бариера која што не можеше да се премине во последните децении и тоа не доведува чекор поблиску до една таква можност и се разбира треба да не алармира сите“, рече Османи.
За односите со Русија и контактите со руската амбасада во земјава, Османи рече дека политичка комуникација и односи немаме и дека немал средба со рускиот амбасадор. Османи ваквите оценки ги даде по враќањето од Њујорк каде се одржа Генералното собрание на Обединетите нации, каде главна тема на дебатите беше токму предизвиците со кои се соочува светот по агресијата на Русија врз Украина.
