Македонија обезбедува јаглен од Косово за следните три години, ЕCМ и КЕК потпишаа договор

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Електраните на Северна Македонија (АД ЕСМ) потпишаа тригодишен стратешки договор со Енергетската корпорација на Косово (КЕК), со кој се обезбедува стабилно и континуирано снабдување со јаглен за потребите на термоелектраните во Северна Македонија, пренесува ТВ21.

Договорот, кој доаѓа по интензивни преговори и одлука на Владата, му дава на ЕСМ концесија во рудникот во Обилиќ и можност за експлоатација на околу 3 милиони тони јаглен во период од 36 месеци. Цената е фиксирана на 24,4 евра за тон.

Според ЕСМ, користењето јаглен од Косово ќе ја зголеми ефикасноста на термоелектраните и се очекува да донесе околу 800 гигават-часови дополнителна електрична енергија годишно, со приходи од околу 57 милиони евра. Исто така, се очекува намалување на употребата на мазутот и емисиите на CO₂.

„За време на тековната консолидација на рудниците, за непречено реализирање на годишните планови за производство на електрична енергија за периодот 2027 – 2030 година, проценетите годишни потреби од набавка на јаглен како надополнување на оние од домашно производство, изнесуваат околу 1,4 милиони тони или 600.000 тони за ТЕ Осломеј и 800.000 тони за ТЕ Битола.“, изјави генералниот директор на АД ЕСМ, Лазо Узунчев.

Тој истакна дека јагленот од обиличкиот басен има просечна калориска вредност од околу 1.950 kcal/kg, со ниска содржина на сулфур и пепел, параметри кои, според него, се соодветни за капацитетите на термоелектраните во Битола и Осломеј.

„Партнерството со државната косовска енергетска компанија која е еден од позначајните стопански субјекти во регионот на Западен Балкан, овозможува брзо и сигурно чекорење кон нашата крајна цел – Македонија да стане континуиран нето-извозник на електрична енергија“, изјави Узунчев.

АД ЕСМ информира дека до крајот на август ќе објави тендер за избор на економски оператор кој ќе биде ангажиран за ископување, анализа, товарење и транспорт на јагленот од Обилиќ до депониите на термоелектраните во Битола и Осломеј.

Според компанијата, договорот официјално ќе стапи во сила по завршувањето на постапката за избор на економски оператор.