Македонската фудбалска репрезентација е поразена од Црна Гора на вториот пријателски натпревар во Анталија, Турција. По ремито со Молдавија во петокот, вечерва Македонија одигра уште еден добар натпревар, но е поразена со единствениот гол на Стеван Јоветиќ на крајот од првиот дел.
После неколкуте обиди на македонските фудбалери преку Елмас, Барди и Миовски, не дадоа резултат, па Црна Гора заигра нешто поангажирано во финишот на првиот дел, и материјализираше преку Јоветиќ. По нафрлената топка од корнер, Јоветиќ со глава го совлада Димитриевски.
Во второто полувреме селекторот Благоја Милевски направи неколку замени, но и тоа не даде резултат, односно Македонија не успеа да дојде до гол и до израмнување.
Следните пријателски натпревари на Македонија се во јуни, кога играме против Хрватска во Ријека, и Чешка во Прага.
