Македонија одбележува 30 години од независноста, односно од успешно спроведениот референдум во 1991 година на кој македонските граѓани се изјаснија за самостојна и суверена држава.
Втора година по ред Македонија прославува независност во време на пандемија. И оваа година поради пандемијата со Ковид-19, прославата ќе се одржи во посебни услови согласно протоколите на Комисијата за заразни болести за одбележување државни празници.
Прославата почнува денеска во 17:30 часот пред Парламентот со изведба на делото „Симфонија за филхармонија” од нашиот композитор Живоин Глишиќ и дефиле на националните ансабли и културно-уметничките друштва, на рударите, земјоделците, волонтерите на Црвен крст, извидниците, здравствените работници, спортистите, пожарникарите, полицијата и армијата.
Oфицијалниот дел ќе почне во 18:30 часот со интонирање на химната на Северна Македонија од страна на Воениот оркестар, по што ќе следуваат говорите на државниот врв. Обраќање ќе имаат претседателот на државата Стево Пендаровски, претседателот на Собранието Талат Џафери и премиерот Зоран Заев.
После обраќањето на премиерот, односно од 19:30 часот започнува музичкиот дел со изведба на песна специјално аранжирана за оваа прилика и музички дел со познати солисти кои заедно со Националната филхармонија ќе изведат неколку антологиски забавни нумери.
Покрај официјалните гости и медиуми, според протоколот и актуелната состојба со пандемијата, предвидено е присуство на околу 1000 граѓани кои ќе можат да се акредитираат за бесплатен билет и сите ќе требаат да приложат вакцинален сертификат или потврда за прележаност од Ковид-19 не постар од 45 дена.
