За полагање на правосуден испит – Мицкоски на студентите лично им го претставил моделот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Решението за полагањето правосуден испит, премиерот Мицкоски им го претставил на студентите при нивната средба пред два дена и тоа е истото она кое министерот за правда Јетон Шасивари им го образложи пред околу десетина дена. Мицкоски рече дека овој владин предлог треба да биде доставен до Венецијанската комисија, а кој е комбиниран модел на полагање и на албански и на македонски јазик. Тој истакна дека ова е прво вакво решение и дека околу ова прашање досега немало никаква конкретна иницијатива.

„Тоа решение кое што го нудиме а кое што ќе биде испратено до Венецијанската комисија е решение кое што нуди од една страна задоволување на правото да се полага испитот на јазик на кој што е завршено високото образование односно правото за својот мајчин јазик и второ да имаме владеење на правото, затоа што „франка лингва“ принципот, односно еден јазик принципот во правосудството е практично главна препорака во мислењето кое што го дава Венецијанската комисија на Законот за јазици“, порача Христијан Мицкоски.

Мицкоски говореше и за тоа што разговарале со студентите околу измените на моделот на субвенциониран студентски оброк. Владата предложила покачување од сегашните 3.500 на 4.500 денари месечно а студентите би можеле да ги користат преку посебна услуга во апликацијата „М-услуги“, нов модел со електронски ваучери за користење во маркети и ресторани. Мицкоски очекува да добие одговор од студентите за ваквиот предлог. 

„Ние го објаснивме предлогот кој што го има Владата. И тој предлог цениме дека е многу подобар како решение од тоа што сега го имаат за што и тие се сложија. И сега чекаме повратен одговор, ни беше ветено дека истиот ден до вечерта ќе добиеме драфт верзија на тоа што тие ќе го комуницираат со колегите, не ја добивме. Еве денеска е втор ден, се надевам дека денеска ќе ја добиеме таа драфт верзија која што ќе ја комуницираат со колегите за кое што е разговарано на состанокот“, вели Христијан Мицкоски.

Студентите изминатиов период реагираа дека износот на субвемнционираниот оброк не е зголемен три години. Една од студентките образложи дека околу предлогот на Владата се ќе биде познато следната недела кога треба да се организира и студентскиот референдум.

„Сметам дека е добро да почекаме до следната недела, еве, да го организираме и студентскиот референдум, па потоа, доколку државата не реагира и студентите се остават на последно место, а студентскиот стандард се третира како луксуз, за разлика од други работи што не се поврзани со студентите, за кои се вложуваат повеќе средства, сметам дека понатаму треба да се преземат други чекори“.

Покрај зголемувањето на субвенцијата, Владата планира да преговара со трговците за дополнителни попусти за студентите при купување храна, дури и откако ќе ја потрошат месечната сума. Преку дигиталниот систем, според најавите, би се контролирало средствата да се користат исклучиво за предвидената намена.