Љубителите на планинарењето и природата наскоро ќе имаат подобри услови за уживање во панорамските погледи од Пелистер. Во тек е обнова на два познати видиковци, Јоргов Камен и Црвени Стени, кои се меѓу најпосетуваните места во националниот парк.
Јоргов Камен се наоѓа на надморска височина од 1.744 метри, додека Црвени Стени е на 1.788 метри. Двете локации се дел од мрежата атрактивни планински патеки долги вкупно повеќе од 30 километри.
Активностите се спроведуваат преку заедничка иницијатива на Националниот парк „Пелистер“ и Ротари клуб Битола Широк сокак.
Целта е посетителите да добијат поуредени и попривлечни места за одмор и разгледување, без интервенциите да ја нарушат природната убавина на планинскиот предел.
Од Националниот парк нагласуваат дека зачувувањето на пејзажните вредности останува приоритет при обновата на туристичката инфраструктура.
