Македонија со пораз од Холандија на Светското првенство

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Македонската ракометна репрезентација го претрпе првиот пораз на Светското првенство. Холандија со 37-32 вечерва во Вараждин беше подобра од нашата селекција во меч во кој Македонија потфрли во одбраната, а клучот беа и 12 досудени пенали во корист за Холанѓаните.

После првиот дел Македонија имаше негатива од три гола разлика. Се играше гол за гол, двете селекции се менуваа во предноста се до 25. минута. Голем пад во играта на крајот од првиот дел, придонесоа Холанѓаните да дојдат до 4 разлика, 18-14, а Македонија реализираше и намали на три разлика.

Почетокот на вториот дел донесе продолжение на финишот од првото полувреме, па Холандија стигна до највисоките плус пет гола (23-18).

Следуваше серија од три гола на Македонија и намалување на разликата. Потоа период во кој и двата тима реализираа напади, па долго време беше разлика 3-4 гола во корист на Холанѓаните.

Таа разлика Холандија успеа да ја сочува до самиот крај, не дозволувајќи Македонија да се доближи. Секогаш кога македонските ракометари ќе дојдеа до два разлика, противникот наоѓаше начин за серија и одново одлепување, и така се до крајот на натпреварот. Во финишот кога се веќе беше готово, Холандија стигна до брзи три гола за победа од пет разлика.

Тен Велде беше најефикасен со 11 голови. Кузмановски со девет гола беше најдобар кај селекцијата на Македонија.

Македонија останува на еден бод освоен против Унгарија, а во последното коло во недела избраниците на Кире Лазаров ќе играат против Гвинеја.