Македонија официјално се приклучува кон програмата EU4Health – најголемата програма на Европската Унија во областа на здравството, со што се отвораат нови можности за финансирање на проекти, модернизација на здравствениот систем и јакнење на здравствените услуги.
Министерот за здравство Азир Алиу на денешната прес-конференција информираше дека договорот за учество на државата во програмата бил потпишан во Брисел, оценувајќи дека станува збор за значаен чекор кон усогласување на македонското здравство со европските стандарди.
„Со потпишувањето на Договорот за EU4Health направивме важен исчекор за македонското здравство. Ова е најголемата програма на Европската Унија во областа на здравството, а нашето пристапување е силна потврда за европската перспектива на државата и за довербата во реформите што ги спроведуваме“, изјави Алиу.
Тој појасни дека програмата располага со буџет од 4,4 милијарди евра и ќе им овозможи на македонските институции да учествуваат на европски повици, грантови, јавни набавки, заеднички акции и партнерства со институции од земјите членки и другите држави учеснички.
Според министерот, средствата ќе можат да се користат за проекти во областа на дигиталното здравство, превенцијата и раната детекција на болести, скрининг-програмите, онкологијата, кардиоваскуларното и менталното здравје, подготвеноста за здравствени кризи, подобрувањето на пристапот до лекови и медицински производи, како и за јакнење на здравствениот кадар.
Алиу нагласи дека договорот предвидува ослободување од ДДВ, царини и други фискални давачки за добра и услуги финансирани преку програмата, што, како што рече, ќе овозможи европските средства во поголема мера да бидат насочени кон проекти од јавен интерес и подобрување на здравствените услуги.
Тој додаде дека Министерството за здравство веќе од следната недела ќе започне со активности за промоција на програмата, мапирање на потенцијалните корисници и подготовка на институциите за учество на европските повици.
„Нашата цел е оваа можност да ја доближиме до универзитетите, медицинските факултети, клиниките, болниците, институтите, професионалните здруженија, пациентските организации и сите релевантни чинители во здравствениот систем“, истакна Алиу.
Од Министерството за здравство велат дека остануваат посветени на максимално искористување на европските механизми за развој на поквалитетни, поефикасни и подостапни здравствени услуги за граѓаните.
