Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис директно ги обвини претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и премиерот Христијан Мицкоски за кршење на Преспанскиот договор. Мицотакис ја покренал темата на Самитот на Европскиот совет, истакнувајќи дека сите постапки имаат свои последици. Грчкиот премиер посочи дека нема членство во Европската Унија без почитување на потпишаните договори.
„Ги информирав моите колега во Европскиот совет за случувањата во Северна Македонија, за фактот што и претседателката и мандатарот за премиер всушност директно го прекршуваат Договорот од Преспа, игнорирајќи го во пракса ерга омнес и избирајќи да користат друго име, а не уставно дефинираното име на земјата, за внатрешна употреба, што е целосно спротивно на духот на Договорот од Преспа“, изјави Киријакос Мицотакис, премиер на Грција.
Претходно и бугарскиот премиер Димитар Главчев кажа дека ќе зборува за Македонија пред европските колеги. Тој истакна дека ќе бара ЕУ одново да потврди дека стои зад договореното од францускиот предлог, кој ги вклучува и уставните измени. Според Главчев, судејќи по изјавите од, како што вели, функционерите во Република Северна Македонија, тие нема да ги направат измените. Бугарскиот премиер инсистираше неговите ставови да бидат дел од офицјалните Заклучоци од Самитот. Сепак, посебен дел во Заклучоците за Македонија нема, а Советот упати заедничка порака кон сите земји-кандидатки кои имаат билатерални проблеми.
„Европската Унија ќе ги поддржи земјите-кандидати во исполнувањето на критериумите за пристапување преку соодветни инструменти и ќе ги искористи сите можности за понатамошно унапредување на постепената интеграција. Исто така, ќе ги поттикне реформските напори, особено во однос на владеењето на правото, како и регионалната интеграција, добрососедските односи, помирувањето и решавањето на билатерални спорови.“
Во однос на заострената реторика со Софија, последно премиерот Мицкоски најави дека треба да се седне на маса и да се бара заедничко решение базирано на факти и аргументи. Што се однесува до влошените релации со Атина, шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски, пред да стапи на функцијата, исто кажа дека треба да се седне на маса, бидејќи двете страни имале недоразбирања околу читањето на Преспанскиот договор.
