Македонија вечерва игра историски меч – прв бараж против Италија за пласман на Мундијалот во Катар

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Македонската фудбалска репрезентација вечерва за првпат ќе игра бараж натпревар за пласман на Светското првенството. Судбината сакаше Македонија да игра бараж во миговите кога ФИФА и УЕФА воведоа два баражи (во минатото имаше само еден и се играше дома – гости), а ждрепката ни одлучи да одиме по потешкиот пат – Италија на гости, а потоа да гостуваме на една од селекциите на Португалија или Турција.

Македонија во минатото има еден нерешен исход со Италија во Торино. На крилата на тој успех, како и на победата над Германија во Дуизбург, македонските репрезентативци се надеваат на нова сензација, и пласман во финалето на баражот.

Репрезентативците се оптимисти дека може да се извлече позитивен резултат.

-Подготвени сме, не сме тука случајно и очекуваме да прикажеме одличен настап. Сè уште не сме на нивото на Италија, но ќе направиме сè што можеме утре за да бидеме подобри. Ќе им кажам на моите играчи да излезат на теренот и да уживаат. Атмосферата е одлична, ќе го дадеме максимумот да направиме позитивен резултат – рече тренерот Благоја Милевски на прес конференцијата.

Капитенот Стефан Ристовски играше во Италија, и се надева дека после избореното европско првенство, Македонија ќе игра и на Мундијал.

-„Горд сум што сум дел од оваа генерација. Горд сум што сум на оваа прес-конференција затоа што Македонија сега пишува историја со првиот бараж за СП. За мене е чест што сум предводник на овој тим кој може да биде уште еднаш запишана со златни букви“ – истакна капитенот Стефан Ристовски.

Дуелот се игра вечерва на стадионот „Ренцо Барбера“ во Палермо со почеток во 20:45 часот.