Македонија вклучена во големо генетско истражување на кафеавата мечка

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Колку кафеави мечки навистина живеат во македонските планини и каде се движат – одговорите на овие прашања треба да ги даде големото регионално генетско истражување во кое ќе биде вклучена и Македонија.

Истражувањето ќе ја опфати целата динарско-пиндска популација на кафеавата мечка, која се протега од Алпите до Егејското Море и се смета за најголема популација на овој вид во Европа, со проценети околу 4.000 единки.

На територијата на Македонија, мониторингот ќе се спроведува во западниот дел од земјата, на подрачјето од Скопска Црна Гора и Шар Планина на север, па сè до Пелистер, Ниџе и Кожуф на југ. Планот е до крајот на 2026 година да бидат собрани околу 900 генетски примероци.

Станува збор за неинвазивен метод, при кој од животните нема да се земаат примероци директно. Наместо тоа, ќе се собира измет оставен во природата, од кој во лабораторија ќе се извлекува генетскиот материјал.

„Генетскиот мониторинг претставува неинвазивно собирање генетски примероци од материјал што животните го оставаат во околината. Во случајот со мечката, ќе собираме примероци од измет од кои потоа ќе го читаме генотипот на секоја единка како своевиден генетски отпечаток од прст“, објаснува Александар Стојанов, координатор на проектот во Македонското еколошко друштво (МЕД).

На овој начин, истражувачите ќе можат да утврдат дали примероците се од иста мечка, што ќе овозможи попрецизно утврдување на бројноста на популацијата, нејзиното движење и распространетост.

За успешноста на истражувањето особено важен ќе биде бројот на собрани примероци. Затоа, во мониторингот ќе бидат вклучени шумари, ренџери од заштитените подрачја, ловочувари и ловџии, но и собирачи на лековити растенија, шумски плодови и печурки. Помош ќе биде потребна и од планинари, велосипедисти и други љубители на природата кои можат да забележат траги од присуство на мечки.

Покрај проценката на бројноста, генетските податоци ќе овозможат да се утврдат распространетоста и генетската разновидност на кафеавата мечка, што би требало да придонесе за подобро разбирање на видот и неговата екологија.

Кафеавата мечка е строго заштитен вид во Македонија, а добиените податоци треба да послужат како основа за идните мерки за нејзино зачувување и управување со популацијата.

Проектот, кофинансиран преку Програмата Лајф на Европската Унија, вклучува 21 партнер од девет европски земји. Неговата цел е да се создадат услови за долгорочно зачувување на кафеавата мечка долж Динарско-пиндскиот планински масив, како и да се намалат конфликтите меѓу луѓето и мечките и да се заштитат нивните живеалишта.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање велат дека генетскиот мониторинг ќе биде важна основа за понатамошното планирање и спроведување на конзерваторските мерки.

Според надлежните, долгорочната заштита на кафеавата мечка и нејзините живеалишта бара координација меѓу институциите и сите засегнати страни, а резултатите од истражувањето треба да помогнат во воспоставување поефикасен систем за заштита на овој вид.