Од почетокот на годината до јуни, од наплатата на патарините, односно од наплатните станици на автопатите низ земјава, се собрани рекордни 1.919.775.277 денари, или повеќе од 31 милион евра, пренесува ТВ21. Во споредба со 2025 година, биле собрани 21.891.532 денари повеќе, информираа од Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП).
Најфреквентна наплатна станица на автопатиштата е Тетово, по која следуваат Петровец, Рамно, Глумово, Миладиновци, Желино, Гостивар, Стоби, Кадрифаково, Преод, Сопот, Демир Капија, Отовица и Гевгелија.
Според остварените приходи и цените на билетите, највисоки приходи се реализирани на наплатната станица Рамно, по што следуваат Миладиновци, Петровец, Глумово, Желино, Тетово, Стоби, Преод, Гостивар, Сопот, Гевгелија, Кадрифаково, Отовица и Демир Капија.
Од ЈПДП велат дека секогаш кога има зголемен интензитет на сообраќајот на наплатните станици, особено во текот на летната сезона, се подготвува акциски план со кој се ставаат во функција сите расположливи ленти на станиците на двата коридора.
Истовремено, предност има електронското плаќање преку М-Таг, при што најмалку една лента секогаш е во функција. На овој начин возилата минуваат без запирање. Се користи и М-Кард, која овозможува бесконтактно поминување без контакт со вработените.
Електронското плаќање сочинува 36 проценти од вкупниот промет на 11-те наплатни станици каде што е воведен овој систем.
Од ЈПДП нагласуваат дека податоците за продажбата и надополнувањето на електронските уреди покажуваат 6-процентен раст на користењето на електронското плаќање, особено откако уредите М-Таг станаа достапни и во продажните мрежи на мобилните оператори.
Од мај годинава, М-Таг може да се купи и во продажната мрежа на Македонски Телеком и А1 Македонија, додека претходно беше достапен само во ЈПДП или на наплатната станица Петровец.
Од ЈПДП соопштија дека се разгледува и можноста за воведување модел на наплата на патарините по примерот на Србија, односно затворен систем во кој плаќањето се врши според изминатите километри. За таа цел, веќе се подготвува студија за воведување на овој систем на Коридорот 8.
Инаку, во текот на минатата година, заклучно со 23 декември, од наплатата на патарините бил остварен промет од 4.158.914.362 денари, или 67.624.624 евра.
