Во Нови Сад за прв пат беа доделени годишни награди за режисери. Во свечената сала на хотелот „Пупин“ се собраа кинеасти од регионот, од Словенија, преку Хрватска, до Северна Македонија. Најбројни беа секако режисерите од Србија. Креаторот на новоформираната манифестација, режисерот и професор Дарко Бајиќ, им посака добредојде на сите во Нови Сад и рече дека му е мило што ги гледа своите колеги филмаџии на едно место.
На гала вечерата со номинираните режисери и гости, покрај наградите за најдобри серии и филмски режисери, на режисерот Столе Попов му беше врачена и почесната награда „Живојин Жика Павловиќ“ за промоција на балканската кинематографија во светот. Наградата му ја врачи легендарниот актер Предраг – Мики Манојловиќ.
– Навистина е голема чест да се добие награда која го носи името на Живојин Павловиќ. Голем уметник, голем човек. Фантастичен пријател, човек кој имаше толку многу разбирање за младите, кој несомнено беше една од најзначајните и најавтентичните личности не само на југословенската и балканската, туку и на европската кинематографија. Неговите погледи и разбирање на филмската естетика беа толку блиску до моето убедување што не зближи многу. Ова е навистина големо признание, кое го преферирам повеќе од сите награди што сум ги добил – рече Попов.
