Вархеjи го пречека Заев со изјавата дека неговата и целта на Европската унија е дека за време на португалското претседателство да се прифати преговарачката рамка и Македонија да ги почне преговорите со Европската унија. По средбата на својот твитер профил само порача дека разговорите биле добри и дека останува преговарачката рамка да биде одобрена од земјите членки.
„Добри разговори со премиерот Зоран Заев денес за потребата од официјално започнување на пристапните преговори со Северна Македонија. Важно е Европскиот совет да постигне договор за преговарачката рамка што побргу. Зборувавме и за борбата против Ковид и имплементација на економскиот инвестициски план за Западен Балкан“, рече Вархеи.
Премиерот Заев во разговорите со Вархеи истакна дека ги почитува напорите на Унијата, но истото го очекува и од страна на Бугарија. На средбата Заев го повторил ставот дека за македонскиот идентитет нема намера да преговара. Напредок е можен и со преодната бугарска влада, рече Заев.
„Ние сме подготвени за разговори, веруваме дека треба да имаме уште еден обид во периодот што доаѓа, но треба да знаат и колегите во Бугарија и сите во Европската унија дека за нашиот идентитет нема ниту да разговараме ниту да преговараме и дека сите обиди тој да се става на преговарачка маса ќе бидат одбиени од македонска страна“, посочи Заев.
Заев претпладнето имаше средба и со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, а средбите се одвиваа додека пред зградата на Европската унија се вееше македонското знаме. Таа потврди дека Европската комисија ќе се вклучи уште повеќе со суштински и посветен ангажман.
„Ова е многу важен процес кој не смее да го одложи стартот на преговорите со Северна Македонија за членство во Европската унија. Ќе се залагаме двете земји Северна Македонија и Албанија заедно да ги почнат преговорите без натамошно одлагање“, истакна претседателката на ЕК, Урсула Фон Дер Лајен.
Прашањето за евроинтеграциските процеси на Западен Балкан е една од темите и на состанокот на министрите за надворешни работи.
„Ќе имаме многу важна политичка дебата за Западен Балкан, регион, кој е од суштинско значење за стабилноста и безбедноста на Европа“, рече Аугусто Сантош Силва МНР на Португалија.
„Треба да ги започнеме преговорите со Северна Македонија веднаш, бидејќи ние донесовме одлука за тоа и е важно за довербата кон Европската унија. Исто така сметам дека реформскиот процес на земјите на Западен Балкан треба да продолжат. Но јас мислам дека ова е многу важна дискусија и таа е важна за цела Европа“, додаде Ана Линде, Министер МНР на Шведска.
По денешните средби во Брисел македонската делегација предводена од премиерот Заев утре е во посета на Шпанија, а потоа оди во Атина на економскиот форум Делфи.
