Пожарникари спасија теле од пожарот кај Палиград, вели директорот на ЦУК

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Вчера додека бев на лице место на големиот пожар над селото Палиград, на планината Китка, покрај тешката борба со пожарот имавме и една несекојдневна и убава случка, информира директорот на ЦУК, Мухамед Али.

„Во метежот и огнот, пожарникарите од Противпожарната бригада на Град Скопје успеаја да спасат едно мало теле кое останало на опожарениот терен. Мало, исплашено, но живо – една мала победа во тешкиот ден.

Во вакви моменти, секој спасен живот е важен. А денес, меѓу огнот и пепелта, успеавме да спасиме и едно мало суштество.

За жал, пожарите не ја загрозуваат само природата, имотот и животите на луѓето. Загрозени се и животните, кои често остануваат беспомошни пред огнената стихија.

Затоа, апелирам на максимална одговорност и внимателност. Пожарите, без разлика дали се подметнати или избувнуваат поради невнимание, оставаат последици врз сите живи суштества. Да ја чуваме природата, да ги заштитиме луѓето, имотот и животните“, вели директорот на ЦУК.

*** ОВАА ВЕСТ Е ПОПРАВЕНА

Фотографија и приказна за мало животно спасено од пожар, кои директорот на Центарот за управување со кризи, Мухамед Али, ги објави како случка од пожарите кај Палиград, всушност потекнуваат од сосема друг настан – пожарите во Калифорнија во 2020 година.

„Меѓу хаосот и пламените јазици, заедно со пожарникарите на Град Скопје успеавме да спасиме мало теле кое останало заробено на теренот зафатен од пожарот. Мало, исплашено, но живо – мала победа во еден тежок ден“, напиша Али на својот профил на Фејсбук.

Станува збор за приказна која на прв поглед остава силен впечаток, особено во период кога Македонија се соочува со серија пожари на отворен простор. Сепак, проверката на фотографијата и нејзиното потекло покажува дека таа не е направена во Македонија.

Фотографијата е поврзана со пожарите во Калифорнија во 2020 година, а приказната за животното е објавена на 9 септември 2020 година на порталот Agriculture.com, под наслов „Чудо: Теле преживеа силен пожар во Калифорнија“.

Во оригиналната приказна се опишува како фармерката Каскарина го пронашла животното на нива зафатена од пожарот. Според нејзиното сведоштво, животното било пронајдено непосредно по раѓањето, со изгорени трепки, по што било пренесено на безбедно место.

„Бев во шок. Кога го кренав, сè уште беше покриено со остатоци од породувањето, а земјата беше влажна од раѓањето. Трепките му беа изгорени“, раскажала таа во тогашната објава.

Така, приказната за животното навистина е вистинита, но не е поврзана со пожарот кај Палиград ниту со неодамнешните пожари во Македонија.

По објавата на директорот на ЦУК, истата фотографија и тврдењето дека животното било спасено од пожар во Македонија почнаа да се пренесуваат и од повеќе медиуми, без да биде проверено нејзиното потекло.

Случајот повторно го отвора прашањето за важноста на проверката на фотографии и информации, особено при известување за чувствителни теми како пожарите, каде јавноста очекува точни и проверени информации од институциите и медиумите.