Малите партии на консултации за предлогот – Павле Трајанов бара усогласување со целосен консензус во Собранието

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателот на Демократскиот Сојуз Павле Трајанов на вчерашната средба кај Ковачевски побарал за францускиот предлог да се усвојат заклучоци доколку во Собранието се поддржи единствено со целосен консензус, односно од сите партии вклучително и ВМРО-ДПМНЕ. Воедно инсистира од Владата целиот текст да го преведе и објави на македонски јазик, заедно со  Протоколот. Трајанов бара да се воведе реципроцитет, односно со уставните промени Советот на Европската унија да ја задолжи Бугарија да го признае македонското малцинство.

„Предлагам да се отвори расправа во парламентот и мислам дека за тоа полека се гради консензус и една повеќе парламентарна комисија од сите партии да формулираат заклучоци. Значи сакам и ВМРО-ДПМНЕ да биде дел од тој процес. Ако парламентот одлучи, но зборувам да има консензус да го прифати со тие корекции за кои што зборуваме во ред, ако парламентот одлучи да го отфрли овој најнов француски предлог одговорноста за или против да ја преземат сите битни чинители на политичкиот живот во Македонија“, истакна Павле Трајанов.

За Фадиљ Зендели од Беса францускиот предлог е прифатлив иако ја одбиле консултативната средба со премиерот Ковачевски. Вели дека кога ќе се отвора Уставот за внесувањето на Бугарите и тие ќе имаат свое барање за бришење на  формулацијата 20 проценти.

„Го прифаќаме предлогот од француското претседателство или од Европската унија, сметаме дека земјата треба да го продолжи својот евроатлантски пат. Како Движење Беса сметаме дека кога ќе се отвораат уставните измени, ако до тоа дојде дека ќе имаме и наше барање во однос на уставната формулација 20 посто, каде што се подразбира е за албанскиот јазик и во Уставот да не пишува 20 посто, туку да пишува албански јазик“, посочи Фадиљ Зендели.

Претседателот на НСДП Горан Мисовски, пак, вели дека расположението во партијата е позитивно за овој предлог, но дека сепак конечната одлука ќе ја донесат на вечерашната седница на Извршниот одбор на партијата. Побаравме став и од ЛДП, претседателот на партијата Горан Милевски вели дека се уште се во фаза на усогласување на нивните ставови и дека штом донесат одлука ќе ја соопштат.