Помалите партии кои се дел од владејачката коалиција најавија дека се осамостојуваат, односно дека ќе делуваат независно, но истовремено рекоа дека ќе го поддржуваат мнозинството. Еден од нив е Павле Трајанов претседател на Демократски Сојуз, Маја Морачанин и Мирослав Богдановски од ДОМ, како и Боби Мојсоски и Моника Зајкова од ЛДП. Дали се ова калкулации пред локалните избори или сепак желба политички да се дејствува самостојно? На оваа тема се разговараше во вчерашниот магазин Клик плус на Тв 21. Претседателот на ЛДП Горан Милевски вели дека се уште прават сондажи во општинските организации.
„Наша проценка е дека можеме да направиме меѓу 50 и 60 листи. До средина на март овој процес ќе заврши и во текот на март ќе донесеме одлука. Мојата желба е да настапиме самостојно бидејќи како партија вие морате да се промовирате кај граѓаните, вие морате вашата идеологија да ја промовирате да добиете нови членови да добиете малку свежина. Бидејќи долгорочното коалицирање со некоја партија вас ве прати непрепознатлив на политичката сцена.“, вели Милевски.

За самостоен настап ДОМ ја донел одлуката на нивниот партиски конгрес.
„Тоа се одлуки кои сме ги донеле и минатата и предминатата година на стратешко планирање на партијата и ние веќе сме започнати со подготовките за настап на локални избори. Сметаме дека е тоа добар начин секоја партија да си ја претстави својата програма пред граѓаните, да си добие поддршка онолку колку што ќе добие.“, рече Морачанин.
Ваквиот потег на коалициските партнери, премиерот Заев ја оцени како легитимна, но дека моментот е несоодветен, пред се и поради тврдењето на опозицијата дека власта нема стабилно мнозинство. Сепак од овие партии тврдат дека немаат намера да преговараат за ново парламентарно мнозинство со ВМРО-ДПМНЕ. Вчера и претседателот на парламентот Талат Џафери потврди дека ќе делуваат независно од пратеничката група што ја предводи СДСМ. Засега, рече тој нема најави дека тие ќе формираат пратеничка група.
