Она што ги поврзува овие луѓе е истата мака што ја имаат – над 20 години на дијализа.
Заедно со своите херои, лекарите кои се борат со бубрежните заболувања, се собраа да ја одбележат 20-годишнината од основањето на Здружението за пациенти со бубрежни заболувања – Нефрон.
Тие признаваат дека животот не им е воопшто лесен и дека имаат многу ограничувања, на пример не можат да консумираат многу течности, но веќе се навикнати на тоа.
„Јас 24 години сум на дијализа, од пред 2000 година. Фала му на Господ, добро сум. Имав можност и имав трансплантација на бубрег пред неколку години, пред повеќе од 10 години, но беше неуспешна и повторно останав на дијализа. Не ги прифаќаше телото. Не смееме да јадеме и да пиеме колку што треба, не смееме да претеруваме. Не смееме да пиеме вода колку што треба. Бидејќи се плашиме дека утредента ќе треба да исфрлиме 3-4 литри“, вели Фејзула Демири.
Претседателот на Здружението Нефрон, Душко Ѓоргиев, вели дека има напредок во третманот со дијализата, а вознемирувачки останува нискиот број на донатори на органи. Моментално околу 150 до 170 пациенти чекаат некој да им донира бубрези за трансплантација. Станува збор за лица кои одлучуваат да ги донираат бубрезите по смртта.
Ова здружение има околу 1400 – 1600 пациенти а заедно со симпатизерите и донаторите како членови, бројката е над 3000. Бројот на пациенти на кои им е трансплантиран бубрег е 400 но повеќето од трансплантациите биле неуспешни и затоа повторно се вратиле на дијализа.
