Малку изненадувања, малку со стари кадри – Ковачевски задржал дел од министрите затоа што се покажале

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Мандатарот Ковачевски до претседателот на Собранието Талат Џафери го достави предлогот со имињата кои треба да го сочинуваат идниот владин состав заедно со програмата за работа. Ковачевски најави ефикасност во работењето а како клучен приоритет го постави справувањето со енергетската криза.

„Клучен и прв приоритет е справување со енергетската криза во државата која што е европска енергетска криза и која што се чувствува во Северна Македонија. Втор приоритет е задржување на животниот стандард на граѓаните и на компаниите во светло на економската криза која што произлегува од енергетската криза и трето е исполнување на целите во однос на големите инфраструктурни проекти“, истакна Димитар Ковачевски.

Ковачевски вчера по завршувањето на Извршниот и на Централниот одбор на СДСМ ги соопшти имињата на новите министри во кој дел се нови лица, дел остануваат  во своите ресори а има и такви кои ротираат. Битиќи, Спасовски и Бочварски ги задржуваат досегашните позиции. Зошто се одлучи мандатарот да задржи дел од министрите од претходниот состав?

„Во однос на одредени решенија кои што остануваат на истите ресори тоа е затоа што врз основа на направена анализа се гледа зголемување на перформансите во министерствата каде што управувале, се гледа дека ги имаат подигнато стандардите на работење и имаат реализирано делот на оперативните и делот на капиталните инвестиции на високо ниво во однос на планот кој што го имале“, вели Димитар Ковачевски.

Но кои се новите лица во идната Влада? Изненадување беше професорот на Правниот факултет Никола Тупанчевски кој е предложен за новиот министер за правда на местото на Бојан Маричиќ. Тупанчевски е непартиски кадар, кој долги години работи како професор и експерт во  областа на кривичното право.

Како второ изненадување е Славица Грковска која е предложена за вицепремиер за борба против корупцијата ресор со кој досега управуваше Љупчо Николовски. Грковска беше пратеничка на СДСМ во составот од  2008 до 2011 година.

На местото на Радмила Шекеринска во министерството за одбрана е предложена Славјанка Петровска која беше заменик министер за внатрешни работи во техничката влада. Во министерството за труд и социјална политика седнува Јована Тренчевска актуелна директорка на Државниот инспекторат за труд. За нов министер за култура, пак, е предложена пратеничката и потпретседател на СДСМ Бисера Костадинова Стојчевска. Таа е пратеничката која прва во скафандер беше донесена да гласа во Собранието  поради тоа што беше позитивна на Ковид 19. Во новиот владин состав нема големи промени од редовите на министрите на ДУИ. Единствено тие го отстапуваат министерството за информатичко општество и администрација а го преземаат ресорот образование. Алтернатива пак ќе преземаат  министерството за информатичко општество како и ресорот здравство а добија и вицепремиерот задолжен за дијаспора.

Седницата за гласање на новата Влада претседателот на Собранието Талат Џафери ќе ја закаже за 15 и 16 овој месец, односно претстојниот викенд.

Дебатата за избор на новата Влада трае два дена а гласањето треба да се одржи најдоцна до 24 часот на вториот ден.