Малку нафта за школото во Шемшево – учениците се вратија на настава, градоначалникот недостапен за медиумите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Требаше да има прекин на наставата и случајот да излезе во медиумите, за градоначалникот на општина Јегуновце, Димитар Костадиновски, да обезбеди нафта за основното училиште во Шемшево.

Денеска општината со итни средства обезбедила мала количина нафта за учениците да можат да го довршат полугодието, а до крајот на неделата ветил дека ќе објави тендер.

Директорот на училиштето, Бурхан Ејупи, вели дека од 27 септември барал од општината   да се објави тендер, додека последното барање било на 19 декември.

„За да се реши ситуацијата, училиштето е снабдено со нафта и наставата се одвива според законот и педагошките прописи. Последното барање е направено на 19.12.2022 до општината, а претпоследното на 14.12.2022, потоа на 27.10.2022 и почнавме од деветти месец, вкупно се 6 или 7 барања, а на 14.12 ја известивме општината дека ние во секој момент ќе останеме без нафта. Вчера се реализираше тоа за што го информирав градоначалникот, но одговор немавме. Неговиот одговор беше дека ќе распишат и секогаш бегаше од писмен одговор и вчера се договоривме усно дека огласот ќе се направи, процедурите за оглас ќе се направат од 23.12 овој месец“, вели Бурхан Ејупи.

Градоначалникот на Јегуновце никако да го најдеме на неговото работно место или да одговори на телефонските повици.

И денеска ТВ21 беше во општината да побара одговор.

„Градоначалникот на општина Јегуновце Димитар Костадиновски ни денеска не беше на своето работно место. Дојдовме овде за да прашаме зошто се уште нема тендер за нафта, а првото барање беше направено на 27 септември оваа година“, додаде репортерот на ТВ21.

Централното греење во школото каде учат 320 ученици беше пуштено денеска во 10 часот а вчера родителите не им дозволија на своите деца да дојдат на училиште поради немањето греење.