Манчестер Сити го совлада ПСЖ во Париз, и си го отвори патот кон финалето во ЛШ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Фудбалерите на Манчестер сити се на чекор до пласман во финалето во Лигата на шампиони (ЛШ), откако вечерва со пресврт во вториот дел триумфираа над Пари Сен-Жермен на „Паркот на принцовите“ во Париз со 2:1 (0:1).

Францускиот првак, кој минатата сезона загуби во финалето од Баерн Минхен, дојде во водство преку Маркињос во 15 минута, а до крајот на полувремето пропушти изгледни шанси за гол преку Нејмар и Паредес. На другата страна, Навас не му дозволи на Сити да постигне гол при обидите на Силва и Фоден.

Второто полувреме донесе целосен резултатски пресврт и триумф на англискиот клуб со головите на Де Брујн (64) и Марез (71). ПСЖ го заврши натпреварот со играч помалку, откако Гуеј доби директен црвен картон во 77 минута.

Реваншот се игра на 4 мај во Манчестер, а ден подоцна втората англиската екипа во полуфиналето во ЛШ, Челзи, е домаќин на Реал. Првиот натпревар во Мадрид вчера заврши 1:1.

Финалето е на програмата на 29 мај во Истанбул.