По повод Денот на независноста – 8 Септември, познатата статуа „Манекен Пис“ во центарот на Брисел денеска беше облечена во традиционална македонска народна носија.
Церемонијата започна во Градското собрание на Брисел, каде се обратија шефот на Постојаната мисија на Северна Македонија при ЕУ, амбасадорот Зулфи Исмаили, и претставник на локалните власти.
По презентацијата, носијата официјално му беше предадена на градоначалникот на Брисел, Филип Клосе. Потоа следеше процесија од Градското собрание, на плоштадот Гран Плас, до статуата „Манекен Пис“, каде таа беше облечена во македонската носија.
На настанот присуствуваа претставници од културниот и општествениот живот на Брисел, македонската дијаспора и дипломатскиот кор во Белгија, меѓу кои и амбасадорот во НАТО, Орхан Муртезани.
Облекувањето на „Манекен Пис“ во различни носии е долгогодишна бриселска традиција по повод домашни и странски празници и настани. Ова е првпат статуата да биде облечена во македонска народна носија.
Настанот има симболично значење и претставува можност за промоција на македонското културно наследство пред европската јавност.
„Манекен Пис“ е бронзена статуа висока 55 сантиметри, посветена на момче кое, според легендата, го спасило Брисел од пожар. Денес статуата се смета за еден од симболите на градот и за претстава на неговиот слободољубив и бунтовен дух.
