Процесот на запишување во средните училишта влегува во завршна фаза. Поради големата конкуренција за место во гимназија или во медицинско училиште, голем број ученици останаа надвор од листите за прием. Затоа, десетици од нив се насочуваат кон училиштата каде што конкуренцијата е помала, како што се Средното текстилно училиште и Средното стручно земјоделско училиште „Моша Пијаде“.
Иако во овие училишта се забележува благо зголемување на интересот во споредба со изминатите години, тој е сè уште далеку од нивото на интерес за гимназијата или медицинското училиште. Заменик-директорот на Средното стручно училиште „Моша Пијаде“, Фатон Мустафи, упатува повик до сите ученици кои имаат афинитети кон практичните професии да станат дел од оваа установа.
„Тоа е аналогија која продолжува од година во година – учениците повеќе се запишуваат во општите средни училишта, занемарувајќи ги стручните насоки и стручните средни училишта. Но, оваа година, како и минатата година, имавме голем број ученици кои веќе се дел од практичната настава во различни компании. А ние, базирајќи се на пазарната економија и компаниите кои гравитираат кон Општина Тетово и воопшто кон Полошкиот регион, нудиме и имаме услови кои можат да се применуваат во компаниите што работат во оваа општина и, сите ученици кои доаѓаат во нашето училиште и ја изучуваат практичната настава во компаниите, веќе се подготвени кадри и за самите компании. Така што, сите ученици кои имаат способности за некоја стручна насока, слободно можат да се упатат кон нашето училиште, за потоа да продолжат и со својот професионален развој.“, порача Фатон Мустафи.
Од друга страна, помошник-директорот на Средното текстилно училиште, Бесим Салахи, објаснува дека, иако во првите два уписни рока бројот на пријави не бил задоволителен, во овој трет уписен рок се забележува зголемување на интересот.
„Да, нашето училиште им овозможува и стекнување занает, така што по завршувањето на средното образование тие можат и да работат. Имаме две насоки, односно две паралелки кои се дуални, каде што учениците ја реализираат практичната настава во овие компании, а притоа добиваат и финансиска помош од државата. И, се знае дека по завршувањето на средното образование тие можат и да се вработат и да имаат плата и сè останато. Но, тоа не значи дека не можат да продолжат и на факултет. Доколку нашите ученици, на пример, се пријават за полагање на државната матура, тие ја полагаат како и сите други и можат да се запишат и на факултет.“, вели Бесим Салахи.
Учениците кои го завршуваат текстилното или земјоделското училиште ги имаат сите права да го продолжат високото образование на кој било факултет. Сепак, недостигот од кампањи за подигнување на свеста во образовниот сектор придонесува гимназиите и медицинските училишта да бидат преоптоварени, додека стручните и економските училишта да останат во сенка.
