Маричиќ за случајот „Алфа“ не интервенира, а за Мијалков бараше одговорност

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Поминаа 8 месеци откако адвокатот во случајот „Алфа“ испрати ново форензичко вештачење до Кривичен суд. Вештачењето покажува дека осудените на доживотен затвор не го извршиле делото – убиство. Согласно тоа, одбраната побара повторно судење за случајот. Но, иако помина повеќе од половина година, сѐ уште нема одлука за ова. Апелациониот и Кривичниот суд си ја префрлаат топката за одолговлекувањето на предметот, а политиката не може да се меша во нивната работа за да се забрза процесот на носење одлука. Тоа не го прави ниту министерот за правда, Бојан Маричиќ, кој рече дека не може да се меша во правосудниот систем, иако пред само неколку недели побара одговорност од судиите кои го ослободија Сашо Мијалков од притвор.

ТВ21 контактираше и со одбраната во случајот „Алфа“ од каде што ни рекоа дека случувања во врска со овој случај очекуваат од следната недела. Судот им побарал извршеното вештачење да се испрати на проценка во Бирото за вештачење, нешто што не се случило до сега. На роднините не им е јасно како може да оцени вештачење биро кое претходно се произнело дека не поседува материјални и човечки ресурси за реализирање на вештачење на видео материјалот.



-Направивме вештачење надвор од државата бидејќи нашето биро не ги исполнува условите. Сега велат дека тоа вештачење треба нашето Биро да го завери. Од кои причини, ако немаме средства за расветлување на тоа видео и не’ испративте во друга држава, која е причината Бирото за вештачење да прави заверка, кога немаме средства и соодветни луѓе за тоа вештачење, вели Маричиќ.


Случајот „Алфа“ се случи на 26 ноември 2008, на паркингот кај ПМФ во Скопје, каде животот го загуби еден полицаец Албанец од единицата „Алфа“, а беа повредени двајцата негови колеги Македонци со кои бил на патрола. Во април 2010, за ова убиство на доживотен затвор беа осудени Реџаиљ Ќерими и Агим Ислами.