Марта Кос: Нова динамика во процесот на проширување на ЕУ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Комесарката за проширување на Европската унија (ЕУ) Марта Кос денеска изјави дека има нова динамика во процесот на проширување и оти се остварува напредок.

Кос на новинарите по пристигнувањето на состанокот на Советот за општи работи на ЕУ изјави дека тоа е прв состанок откако таа е на таа позиција, на кој ќе се сретне со министрите кои одлучуваат за важни заклучоци за проширувањето.

„Постои нова динамика во процесот на проширување и напредуваме. Вчера затворивме три поглавја од преговорите со Црна Гора, а денес отвораме еден кластер со Албанија. Честитки“, рече Кос во изјавата што ја пренесе мрежата Х.

Таа изјави дека од една страна ќе им помогне на земјите кандидати да ги спроведат реформите и да продолжат во пристапниот процес, а од друга страна ќе работи со земјите членки целиот процес да биде што е можно поефикасен.

Марта Кос вчера изјави дека затворањето на три поглавја од преговорите е важен момент за Црна Гора. По тој повод, таа им честиташе на премиерот Милојко Спајиќ и неговиот тим за „неуморната работа за спроведување на реформите од агендата на ЕУ“.