Мартинез, голманот на светскиот шампион Аргентина, потпиша договор со Челзи

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Челзи го официјализираше трансферот на аргентинскиот репрезентативен голман Емилијано Мартинез од Астон Вила. Мартинез потпиша тригодишен договор со лондонскиот клуб вреден 7,5 милиони фунти, а аргентинскиот голман пристигнува со очекување да биде прв избор на голот на Челзи.

„Пресреќен сум што сум во овој фудбалски клуб. Доаѓањето во Челзи беше лесна одлука за мене и за моето семејство и едвај чекам да започнам“, изјави Мартинез.

Тој истакна дека сака да освојува трофеи со својот нов клуб. „Сакам да бидам успешен овде. Јас сум човек кој сака да победува во сè што прави и сакам да го донесам тоа во овој клуб, бидејќи Челзи е клуб кој освојува титули. Мислам дека тоа е добра комбинација“, рече аргентинскиот голман.

Според Sky Sports News, во Челзи во завршницата од преодниот рок размислувале за ангажман на Мартинез откако актуелниот прв голман Роберт Санчез беше на удар на критики поради грешката во победата од 2:0 против Фулам минатиот понеделник.

Претходно Мартинез играше за Астон Вила каде пристигна во 2020 година од Арсенал, а со своите настапи се етаблираше и како прв голман на репрезентацијата на Аргентина. Со националниот тим ги освои Копа Америка и Светското првенство.