Тежок настан ја потресе Битола во раните утрински часови, каде 33-годишен маж се сомничи дека со нож ја убил својата 31-годишна сопруга. Според првичните информации, жртвата починала на местото на настанот како последица на здобиените повреди.
„ Полициски службеници од Секторот за внатрешни работи Битола го лишиле од слобода 33-годишниот А.Р. од Битола. Тој се сомничи дека утрово околу 06:40 часот со нож ја нападнал својата 31-годишна сопруга А.В. од Битола, со која не живееле заедно, а која од здобиените повреди починала на местото на настанот“, порача Гоце Андреевски.
На местото на настанот интервенирала екипа на Итната медицинска помош, а дежурен лекар само ја констатирал смртта на 31-годишната жена. По настанот, осомничениот е приведен во полициска станица и се наоѓа во притвор.
„Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Битола изврши увид на лице место во населбата Баир каде една жена беше лишена од живот. Издадена е наредба за обдукција на починатата, а од местото на настанот се подигнати траги и материјални докази кои ќе бидат предмет на вештачење. Осомничениот за извршување на кривичното дело е лишен од слобода, а за понатамошниот тек на постапката против него обвинителството ќе ја информира јавноста“, вели ОЈО.
Надлежните институции започнаа истрага за целосно расветлување на случајот, а во координација со јавен обвинител се очекува против осомничениот да биде поднесена кривична пријава.
