Франција од 21 часот го игра првиот натпревар на Европското првенство. Ривал и е Австрија, а првиот натпревар во таа група го одигра во неделата во кој Холандија ја победи Полска со 2:1. Најголемата ѕвезда на репрезентацијата и нов играч на Реал, Килијан Мбапе се појави на пресот пред натпреварот.
Освен за натпреварот, Мбапе зборуваше и за политичката ситуација во неговата земја и навести дека во случај ултрадесничарите да победат на изборите, можеби ќе престане да игра за Франција.
Да потсетиме, претседателот Емануел Макрон пред една недела повика на нови избори по поразот на неговата партија на изборите за Европскиот парламент, на кои победи екстремно десничарската партија на Марин Ле Пен.
Мбапе: Ги повикувам младите да гласаат против екстремистите
“Мислам дека сме во клучен момент во историјата на нашата земја. Затоа навистина сакам да им се обратам на сите Французи, особено на младата генерација. Мислам дека ние сме генерацијата која може да направи разлика”, започна Мбапе.
„Јасно гледаме дека екстремистите се блиску до власта и дека имаме можност да ја избереме иднината на нашата земја. Затоа ги повикувам сите млади луѓе да излезат на гласање и да ја сфатат важноста на ситуацијата во која се наоѓаме. Се надевам дека оваа моја порака ќе ги разбуди“, додаде тој.
„Мораме да се идентификуваме со оваа земја, да се идентификуваме со нашите вредности, кои се вредностите на толеранција, различност и почит. Верувам во Французите, секој глас е важен. Навистина се надевам дека ќе го направиме вистинскиот избор и дека гордо ќе го носи овој дрес на 7 јули“, продолжи Мбапе.
Само два дена претходно, соиграчот на Мбапе од репрезентацијата Маркус Турам изјави дека сите во соблекувалната се шокирани од победата на крајната десница. Напаѓачот на Интер ги повика Французите да не гласаат за таа опција.
Мбапе размислуваше за тоа и на крајот кажа реченица која загрижи многу Французи и ги исплаши, а странските медиуми пишуваат дека навестил дека неговото играње во репрезентацијата е под знак прашалник: „Се согласувам со Маркус, делам исти вредности. Не сакам да претставувам земја што не одговара на моите и нашите вредности“.
