Меџити ги отфрли обвинувањата на ДУИ – Охридскиот договор и законот за јазиците се недопрени

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Еден од лидерите на ВЛЕН, Изет Меџити, одговори на обвинувањата на ДУИ дека актуелната Влада ги деградира сите достигнувања на Албанците во последните 20 години. За Охридскиот рамковен договор, Меџити рече дека тој не се чепка, бидејќи е дел од Уставот.

„Се појавуваат во јавноста, особено во Албанија и Косово, каде што не ги знаат деталите, и велат дека е деградирано албанското прашање, дека е деградиран Охридскиот договор. Прво, договорот не може да се менува бидејќи е дел од Уставот на Македонија и за тоа се потребни над 80 пратеници. Второ, Законот за јазиците – има тврдења дека нема закон за албанскиот јазик. Нема закон за албански јазик. Постои Закон за употреба на јазиците кој се дефинира со 20%-от (албанскиот јазик), но тоа е закон за употреба на јазиците, каде што може да биде и друг јазик“, изјави Изет Меџити од ВЛЕН.

Во врска со Законот за јазиците, Меџити рече дека не е поместен ниту еден милиметар и дека внимателно ја следат ситуацијата во Уставниот суд со поднесените претставки.

„Го кажувам со голема одговорност. Не навлегувам како дојде до Уставниот суд проблемот. Во принцип, не е поместен ниту еден милиметар, значи Законот за јазиците не е оштетен. До сега не, но се чека седницата на Уставниот суд. Перцепцијата ја градат дека во овие две години има деградација. Во Уставниот суд и порано беше во процедура. Се разреши уставната судијка која го имаше предметот за Законот за јазиците и таа постапка се пролонгираше, се тргна од дневен ред. Тоа не се случува во Владата, туку во Уставниот суд, ние го следиме и велам со одговорност дека нема поместување ниту еден милиметар во примената на Законот за јазиците“, изјави Изет Меџити од ВЛЕН.

Меџити рече дека има напредок во употребата на албанскиот јазик, наведувајќи дека за првпат воспитувачките полагаат испити на албански јазик. Тој гарантираше дека и правосудниот испит ќе се полага на албански јазик.