Прашање ТВ21: Ова порано беше „Коста Абрашевиќ“?
Жител: Да, ова беше „Коста Абрашевиќ“, а сега е „ЛПК“. Го имам и во личната карта. И другата улица е сменета – од „Панче Неделковски“ во „5 Мај“.
Дебатата околу именувањето на улиците продолжи со различни ставови од претставници на ДУИ и ВЛЕН. Градоначалникот на Чаир, Изет Меџити, говореше од Серава, истакнувајќи дека улиците во оваа населба ги носат имињата на значајни личности и настани од албанската историја, при што го повика претседателот на ДУИ, Али Ахмети, да не ги заморува граѓаните со половични решенија.
„Тука сме во срцето на Чаир, во Серова, каде што оваа улица официјално го носи името на Народното движење на Косово, организацијата што беше основач на ОВК, и тоа е заведено во сите документи за идентификација. Затоа го повикувам господинот Ахмети да не ги заморува граѓаните со сопствените грешки или со половичните решенија што беа направени во Тетово“, вели Изет Меџити, градоначалник на Чаир.
Преку објава на Фејсбук, потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи, уверува дека именувањето на улиците со албански имиња во Чаир и во Скопје е резултат на одлука на владата на ДУИ од 2021 година.
„Именувањето на улиците со имињата на албански личности во Чаир и во Градот Скопје беше резултат на одлука на Владата на ДУИ во 2021 година, во која имав чест да бидам дел. Ова го велам затоа што целиот процес го познавам одблиску. Дури многу добро се сеќавам дека не сите пратеници на ДУИ во тоа време беа заинтересирани, вклучени или помогнаа во овој процес. Затоа е важно граѓаните да ја знаат вистината: именувањето на улиците со албански имиња во Чаир и во Скопје беше резултат на одлука на Владата на ДУИ“, изјави Бујар Османи, потпретседател на ДУИ.
Оваа дебата започна откако Уставниот суд ја укина одлуката од 2007 година, со која беа променети имињата на повеќе улици и на градскиот плоштад во Тетово.
