Меџити: На 6 јули ќе се потпише договорот за Скопје–Блаце, ДУИ со критики за проектите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Организацискиот секретар на ДУИ, Неби Реџепи ја обвини актуелната Влада дека две години ги блокира и саботира најстратешките инфраструктурни проекти во земјата – Коридорот 8 и автопатот Скопје–Блаце. Според него, овие проекти биле обезбедени, финансирани и започнати во периодот кога ДУИ беше дел од власта.

За автопатот Скопје–Блаце рече дека Владата изгубила две години обидувајќи се да го запре, но на крајот била принудена да го продолжи, како што рече, проектот на ДУИ.

„Во име на Демократската унија за интеграција, до Владата упатуваме неколку јавни прашања: Зошто сè уште не се пуштени во употреба двата завршени километри од автопатот Скопје–Блаце? Кој ќе понесе одговорност за двете изгубени години? Зошто се трошеле јавни пари за анализи и експертизи кои имаа само една цел – да го одложат проектот? И над сè, зошто токму проектите што ја поврзуваат нашата држава со Република Албанија и Република Косово, проекти кои беа започнати и обезбедени додека ДУИ беше дел од Владата, се одолговлекуваат?“, порача Неби Реџепи.

Во врска со оваа тема, копретседателот на ВЛЕН, Изет Меџити во емисијата „Клик Плус“ изјави дека околу 3 милијарди евра инвестиции се насочени кон албанските населени места и дека на 6 јули се очекува да биде потпишан договорот за автопатот Скопје–Блаце.

„Можам да кажам дека околу 3 милијарди евра инвестиции се насочени кон албанските населени места, почнувајќи од Коридорот 8, кој се реализира со висок интензитет. Деновиве очекуваме да се потпише договорот, поточно на 6 јули ќе биде потпишан договорот за патот Скопје–Блаце, вреден над 200 милиони евра. Едниот ја поврзува државата со Албанија, а другиот со Косово.“, вели Изет Меџити.

Инаку, двата километри изградени од граничниот премин кон Скопје сè уште не се пуштени во употреба бидејќи, како што беше соопштено, асфалтираниот дел завршува до висок рид без можност да се поврзе со постојниот пат.

Во меѓувреме, според најавите на Владата, автопатот Кичево–Охрид се очекува да биде пуштен во употреба во јануари 2027 година.