Лидерот на Демократско движење, партија која е дел од коалицијата Вреди, Изет Меџити вчера најави дека дел од новото владино мнозинство во Собранието ќе бидат и пратеници од Европскиот фронт.
Според него, се работи за три или четири пратеници.
Во интервју за A2 Си-Ен-Ен (А2 CNN), Меџити не ги кажа имињата на пратениците, но ги спомена двете турски партии.
„Сега, кога е јасно дека нема да бидат во власта, мисијата е пропадната и започнува распаѓањето на Европскиот фронт. Така што веќе можам да кажам дека од тие 18 пратеници што ги доби овој фронт, тројца – четворица со едната нога се дел од новото мнозинство. Сега нема да ги кажам нивните имиња, но таму има две турски партии, а турската заедница нема капацитет и потенцијал да остане четири години во опозиција. Тие секако дека се гледаат себе си во идната влада. Има и некои други пратеници кои се со Ахмети, кои во минатото се тепале и се убивале меѓу себе, предизвикувале жртви кај Албанците и тешки последици. Заедно се засега, беа здружени за да опстанат. Но, мисијата на Европски фронт е пропадната“, изјави Изет Меџити.
