Меџити: Нова печка и ограда за Дрисла – жителите на Батинци се жалат дека живеат како во контејнер

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Нова печка за согорување на отпад и целосно ограден просторот кај депонијата Дрисла најави првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити. Ова се најавените приоритети инвестиции на ова јавно претпријатие со цел уништувањето на отпадот да биде побезбедно. Меџити смета дека тоа ќе ги реши проблемите на жителите на околните населби особено на Батинци кои се жалат на големо загадување.

„Прво оградувањето на Дрисла треба да се врати бидејќи е тоа ризично и штетно за граѓаните и други инвестиции да се преземат. Разговаравме детално и работиме заедно да најдеме решенија за и Дрисла да биде во функција и со високи стандарди, но да не биде штетно, туку напротив да биде во функција на подобра животна средина“, вели Изет Меџити.

Еден од проблемите со Дрисла е и тоа што отпадните води се пуштаат во Маркова Река поради што се загадуваат околните земјоделски земјишта. Пред еден месец повторно имаше загадување при што беа земени мостри од реката која покажа високо ниво на загаденост. Директорката на Државниот инспекторат за животна средина Ивана Гиновска вели дека е утврдено дека имало загадување за што ќе следува казна..

„Наш инспектор има земено мостри кои се дадени на акредитирана лабораторија која ги врши испитувањата, има надминување и за истото Дрисла има прекршочно решение кое е на судот. Казните се многу големи, значи со новиот закон има казни од 120 до 180 илјади евра, дури и до 200 илјади евра има казни. Колку ќе биде голема казната зависи од судот“, вели Ивана Гиновска.

Жителите на Батинци велат дека страшна смрдеа се шири од депонијата Дрисла и дека тие се чувствуваат како да живеат во контејнер. Дел од нив дојдоа до вратите на Дрисла, но внатре не беа пуштени. Министерот Меџити, на заминување, застана да поразговара со нив.

„Дрисла депонија пушта вода, таа е отпадна вода што ја пушта во Маркова Река. Се соочуваме со проблеми, живееме како во контејнер, Батинци, Сопиште и Драчево живеат во контејнер. Се осеќа страшна реа, 200 метри воздушна линија се оддалечени куќите. Од Маркова Река е најстрашно што се полеваат бавчи се полеваат овоштарници. Јас сум убеден дека таа вода е канцерогена“, вели Сених Враховиќ.

Жителите постојано се жалат дека од согорувањето во Дрисла немаат чист воздух, производите од нивите им се загадени, а поради тоа се поголем е бројот на заболени од канцер, поради што тие веќе неколку пати одржуваа протести.