Соработка со ДУИ и останување во Влада не оди, треба да се определи, го повтори својот став првиот вицепремиер Изет Меџити и го повика министерот за здравство Арбен Таравари да се одлучи дали ќе соработува со ДУИ или со ВРЕДИ. Иако деновиве рече дека Таравари треба да ја напушти Владата, тој одбегна да одговори дали ќе побара од премиерот Христијан Мицкоски да го исклучи од власта.
-Што се однесува за господин Таравари, мислам дека е проблем на господин Таравари. Тој треба пред јавноста да разјасни, не треба да ја крие соработката со ДУИ. Легитимно е да соработува, ние не можеме да и го забраниме ова, но не треба да заборавиме дека тие 107 илјади гласови сме ги добиле како ветување пред граѓаните дека ќе ја донесеме промената. Мислам дека ќе му биде тешко да ја убеди и неговата структура за овој настап што го прави, но ова е проблем за кој господин Таравари ќе разјасни. Ние бевме јасни дека ВРЕДИ ќе го правиме едно. И со ВРЕДИ и со ДУИ, и со ДУИ и во Влада, не оди, вели Изет Меџити, ВРЕДИ.
Меџити рече дека на владината седница која се одржа вчера Таравари не присуствувал поради негови причини, но бил присутен министерот за добро владеење Арбен Фетаи од Алијанса за Албанците на Таравари. Фетаи, кој е инаку во директен конфликт со ДУИ и со лидерот Али Ахмети, вели дека нема планови за промена на позициите на партијата во Владата но и дека нема простор за еднострани настапи од било која страна.
–Имаме секојдневни контакти со премиерот Мицкоски и неговите коалициски партнери. Некои од нас го кажаа тоа, јас велам дека соработката продолжува во Владата. Вчера имавме владина седница на која не се покрена ниту една загриженост. Така, ние продолжуваме да ја работиме нашата работа, како ништо да не се случило. Ќе има консултации, ви кажав дека не мислам дека има простор за еднострани настапи, од било која страна, и дека треба да се мисли во насока на стабилноста на оваа Влада. АА со нејзините 5 пратеници е клучна за зачувување на стабилноста на овој состав,изјави Арбен Фетаи, Алијанса за Албанците.
Премиерот Мицкоски најави дека ќе има средба со коалицијата која, според неофицијални информации, најверојатно ќе се одржи околу први мај.
