Меџити: Законот за бранители останува заглавен – Петровска: Дали Мицкоски го дели ставот на Меџити?

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Првиот вицепремиер Изет Меџити очекува предлог Законот за бранителите да остане, како што вели, заглавен во собраниската Комисија за социјална политика. Според него, овој предлог закон на пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска, се користи за дневна политика и е во насока на обидите за дестабилизација на државата. Тој смета дека СДСМ и ДУИ постапуваат синхронизирано. Во интервју за Радио Слободна Европа, на новинарското прашање дали разговарал со премиерот Христијан Мицкоски како да се излезе од ситуацијата за овој предлог закон, Меџити одговори во множина:

„Ние имаме конечен став – дека не е добро за процесите и за државата и не е во приоритетите да се донесе таков закон и тој е сега заглавен во Комисија, којашто се води од Илире Даути и очекуваме дека таму ќе остане“, вели првиот вицепремиер Изет Меџити.

Реагираше пратеничката Славјанка Петровска, која го поднесе предлогот.

Таа го повика Мицкоски да одговори дали го дели ставот на Меџити.

„Со оглед на тоа дека премиерот Мицкоски изјави дека стои зад бранителите, очекувам со политичкиот капацитет и авторитет кој го има, како некој кој на последните избори освои 500 000 гласови, да овозможи Законот да биде донесен. Ова прашање не смее да биде предмет на префрлување одговорност, туку носење политички одлуки. Премиерот Мицкоски да одговори дали овој став на Меџити е и став на владината коалиција“, вели Славјанка Петровска од СДСМ.

Претходно премиерот Мицкоски истакна дека бранителите секогаш ќе ја имаат поддршката на ВМРО-ДПМНЕ и ја повикаа пратеничката на Европскиот фронт, Илире Даути да го стави предлогот на дневен ред. Таа пак е децидна во намерата овој предлог закон да не се најде на дневен ред во Комисијата. Социјалдемократите потенцираа дека наместо Даути, тоа може да го стори спикерот Африм Гаши, кај кого реагираа и со допис, но од неговиот Кабинет одговараат дека Гаши не може да свикја седница на Комисија која веќе се одржала, иако оваа точка не била на дневен ред.

Инаку, со предлогот на Петровска се предвидува зголемување на финансискиот надомест за инвалидите и за семејствата на загинатите припадници на АРМ од воениот конфликт.