„Акцијата 2021“ која ја промовира Владата, во делот на правосудството предвидува и мониторинг на судските случаи. Мониторингот треба да почне да се спроведува веќе на почетокот на следната година.
Дали тука ќе бидат опфатени и настаните кои се случија во Куманово во 2015 година? Министерот за правда вели дека проектот е на ЕУ, а се спроведува од Мисијата на ОБСЕ во Скопје, па поради тоа, како што објаснува тие ќе ги избираат случаите. Сега за сега се знае само дека ќе бидат опфатени предметите поврзани со висока корупција, а во кои се вмешани високи функционери и политичари.
Побаравме одговор од мисијата на ОБСЕ, но до сега не добивме одговор.
Еден од адвокатите на обвинетите за Диво Насеље, Ибрахим Бајрами вели дека судскиот процес треба да се разгледа повторно. Вели дека имало и има мониторинг од страна на претставници на ОБСЕ кои биле присутни на сите судски рочишта уште од почеток на процесот, затоа верува дека ќе се најде начин мониторингот да продолжи.
„Мислам дека ОБСЕ ќе продолжи да го надгледува овој судски процес, но тоа може да се случи во рамките на постоечките закони и во рамките на средствата кои ги искористивме досега а тоа е – жалба пред Врховниот суд. Доколку Врховен одлучи дека овој предмет треба да се разгледа од почеток… Моите очекувања се доколку дојде до таква ситуација, тоа би имало и правни последици каде сите обвинети ќе бидат ослободат за да се бранат од слобода“, вели Ибраим Бајрами.
Адвокатот Бајрами мисли дека доколку судскиот процес се разгледа повторно, обвинетите ќе бидат послободни во своите изјави бидејќи, како што вели адвокатот, бранејќи се од слобода, ќе бидат побезбедни да ја кажат вистината пред судот. За настаните во Куманово на 9 и 10 мај 2015, под обвинение за тероризам, казнети се 33 лица, со вкупно 746 години затвор. 17 од нив се од Косово.
