Мелони предупредува: Европа ризикува да остане без влијание во мировните преговори за Украина

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Италијанската премиерка Џорџа Мелони предупреди дека Европската Унија би можела да ја изгуби својата улога во евентуалните мировни преговори за Украина доколку европските лидери не постигнат договор за заеднички дипломатски настап и единствен претставник кој ќе ги застапува нивните интереси.

Во писмо испратено до претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, Мелони изразила загриженост поради различните дипломатски иницијативи, оценувајќи дека тие го нарушуваат кредибилитетот на Европа и оставаат впечаток на неусогласено и непредвидливо дејствување.

Таа нагласила дека нема амбиција лично да учествува во преговорите, ниту бара посебно место за Италија, но предупредила дека Рим нема да преземе обврски произлезени од договори постигнати без соодветен мандат од Европската Унија.

Според Мелони, европските лидери мора јасно да утврдат кој ќе го претставува блокот на преговарачката маса, како и кои овластувања ќе ги има тој претставник.

Италијанската премиерка предложила ова прашање да биде ставено на дневен ред на неформалниот состанок на Европскиот совет, закажан за следната недела во Даблин, додека конечната одлука би требало да биде донесена на декемврискиот самит.

Пред донесувањето на одлуката, Мелони побарала дополнителна координација со Велика Британија, Норвешка и останатите европски партнери, со цел Европа да настапи со усогласен став во можните мировни разговори.