Премиерот Христијан Мицкоски уверува дека граѓаните и компаниите кои имаат средства во „Алта банка“ Македонија нема да останат без своите пари, дури и доколку банката заврши во стечај. Тој посочи дека се разгледуваат две можни сценарија – пронаоѓање купувач кој ќе ја стабилизира банката или отворање стечајна постапка.
Одговарајќи на новинарски прашања на заедничката прес-конференција со евроамбасадорот Михалис Рокас, Мицкоски порача дека државата располага со механизми за заштита на штедачите и доверителите и ги повика граѓаните да останат смирени.
Според податоците што ги изнесе премиерот, меѓу 95 и 96 проценти од штедачите имаат депозити до 30.000 евра, кои се опфатени со законската заштита. За преостанатите доверители, чии побарувања би биле дел од евентуалната стечајна постапка, Мицкоски тврди дека активата на банката е два до трипати поголема од нејзините обврски.
„Нема да остане ниту еден доверител, без разлика дали станува збор за штедач или компанија, кој нема да биде обесштетен до последниот цент“, порача премиерот.
Тој ја обвини опозициската СДСМ дека со јавните настапи и обвинувања создава паника меѓу граѓаните и ги одвраќа потенцијалните инвеститори кои би можеле да ја преземат и консолидираат банката.
Осврнувајќи се на преземањето на Стопанска банка Битола од страна на српската „Алта банка“, Мицкоски истакна дека трансакцијата била реализирана меѓу приватни сопственици, по спроведени законски процедури и добиени позитивни мислења од надлежните институции.
Тој нагласи дека Владата и Министерството за финансии немале обврска да бидат претходно информирани за купопродажбата, бидејќи постапката се одвивала во рамките на надлежностите на Народната банка.
Премиерот објасни и дека државата поседувала мал процент акции во поранешната Стопанска банка Битола, кои не биле продадени за време на јавната аукција поради законските ограничувања во периодот на локалните избори. По завршувањето на изборниот процес, Владата им препорачала на јавните претпријатија да ги понудат своите акции на новиот сопственик.
Мицкоски оцени дека проблемите со „Алта банка“ се последица на случувањата во Србија, а не на слабости во домашниот банкарски систем.
Тој предупреди дека поголем ризик за македонската економија може да претставуваат финансиските проблеми на српските компании кои соработуваат со домашни деловни субјекти. Според него, неколку македонски компании веќе побарале помош поради блокирани средства на нивните партнери во Србија.
Премиерот потсети дека трговската размена меѓу двете земји во 2025 година изнесувала околу 1,2 милијарди евра, предупредувајќи дека евентуалното продлабочување на кризата би можело да доведе до затворање компании и губење работни места.
Во однос на политичките реакции, Мицкоски побара Јавното обвинителство да ги испита постапките на опозицијата, оценувајќи дека ширењето, како што рече, невистини и создавањето несигурност кај граѓаните претставува „саботажа“.
Тој се повика на одредбите од Кривичниот законик и посочи дека за ова кривично дело е предвидена затворска казна од најмалку три години.
