Мицкоски за Алта банка: Дури и во најлошото сценарио, никој нема да изгуби ниту денар! Обвинителството да истражува, опозицијата шири паника и лаги

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Премиерот Христијан Мицкоски ја обвини опозицијата дека шири паника и вознемиреност кај граѓаните во врска со состојбата со Алта банка во Македонија. Тој упати апел до Јавното обвинителство да ги истражи изјавите на опозицијата, оценувајќи дека со ширењето, како што рече, лаги и дезинформации се создава чувство на несигурност и страв кај граѓаните.

Мицкоски уверува дека дури и во најнеповолното сценарио, односно доколку банката замине во стечај, ниту еден штедач или доверител нема да ги изгуби своите средства.

„Добра вест за граѓаните е дека дури и во најлошото сценарио, секој граѓанин, секој доверител ќе биде обештетен до последниот денар. Ве молам, не подлегнувајте на хистеријата што ја поттикнува опозицијата“, изјави Мицкоски.

Тој оцени дека е дојдено време Јавното обвинителство да се позанимава и со, како што ја нарече, кривичната одговорност за саботажа, повикувајќи се на одредбите од Кривичниот законик.

„Дојде време Јавното обвинителство да се занимава и со ова кривично дело саботажа, согласно Кривичниот законик, кое го врши опозицијата, која свесно ги поткопува Уставот и државниот поредок, ширејќи лаги, немири и внесувајќи ги на тој начин граѓаните во состојба на несигурност и страв“, рече премиерот.

Мицкоски потсети дека, според неговото толкување на новиот Кривичен законик, за ова дело е предвидена затворска казна од најмалку три години.

Во продолжение, тој повторно ги повика граѓаните да останат смирени, нагласувајќи дека државата располага со механизми за справување со ситуацијата и дека институциите го следат процесот.

„Апелирам до граѓаните да останат смирени и да не потпаѓаат под влијание на хистеријата и лагите што ги шири опозицијата. Државата има инструменти, го следи процесот и ниту еден штедач нема да остане без обештетување доколку се случи најлошото сценарио и банката замине во стечај. Секој штедач, без разлика дали е физичко или правно лице, ќе биде обештетен до последниот денар“, порача Мицкоски.

Премиерот ја искористи приликата и да ја критикува опозицијата за внатрешните поделби и политичките конфликти, оценувајќи дека наместо да понуди решенија, таа се обидува да ја искористи ситуацијата со банката за политички пресметки.

Тој најави и дека во декември ќе бидат објавени три нови фабрики кои треба да се градат во земјава, оценувајќи дека тоа е показател за економската стабилност и довербата на странските инвеститори.

„Кога барам инвестиции во Германија, тие доаѓаат затоа што велат дека ова е фактор на стабилност. Затоа во декември ќе најавиме три фабрики што ќе се градат, а тоа е лоша вест за нашата опозиција“, изјави Мицкоски.