Мемов: Нема потреба од апокалиптични сценарија, исплатата на пензиите не е загрозена и ќе продолжи секој први во месецот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Директорот на Фондот на ПИОМ, Никола Мемов гостуваше во Тема на денот на ТВ Сител каде што одговори на повеќе актуелни  прашања поврзани со пензиите, нивната исплата и финансиската состојба на Фондот.

На прашањето дали има проблем со исплатата на пензиите за ноември, директорот на Фондот  Мемов рече дека пензионерите треба да бидат спокојни и дека во буџетот се обезбедени средства за исплата на пензиите.

„Буџетот на Фондот за следната 2026 година е проектиран на 151 милијарда денари. Од нив  117 милијарди денари  се предвидени за исплата на пензиите, вклучително здравствено осигурување на пензионерите и транзициските трошоци конпензиските друштва во вториот столб. Нема апсолутно никаква потреба од  било каква вознемиреност дека има недостаток на средства за исплата на пензиите“, додаде тој.

На барањето да ја појасни состојбата, особено поради тоа што има законска регулатива која ја гарантира исплатата на пензиите, Мемов одговори:

„Апсолутно не можам да ја разберам потребата од промоција на апокалиптични сценарија од страна н СДСМ дека ќе се растури пензискиот систем или нема да  има средства за исплата на пензиите. Веројатно, во очајнички обид СДСМ бараат политички мотив за  враќање на политичката сцена и посегаат по вакви сензитивни теми каде што главен субјект се пензионерите, како една од најсензитивните категории на граѓани во државата.  И тука демантот стигна практично за еден ден. На собраниската говорница беше искажан сомнеж во исплатата на пензиите. Потоа прес конференција имаше претседателот на СДСМ, кадешто  го повтори тоа апокалиптичното сценарио. Едно е јасно, додека постои државата ќе постои и исплата на пензиите и тоа го  гарантира државата односно владата. Тоа е пропишано во членот 241 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување од 2005 година, во кој се вели: „Недостигот на средствата во задолжителното пензиско и инвалидско осигурување врз основа на генерациска солидарност, настанат поради воведувањето на задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување, ќе се обезбеди од Буџетот на Република Македонија“.   Проектиран е тој недостиг, затоа што една третина од средствата  од придонеси се уплаќаат во вториот столб. Тоа е инвестиција што ја прави владата во овие изминати 20 години. Да потсетиме  дека над 650 илјади осигуреници во земјата имаат на своите лични сметки  во трите пензиски друштва повеќе од три милијарди евра кои се  оплодуваат секојдневно. Тоа оплодување, инвестирање го контролира владата преку агенцијата МАПАС“.