На Клиниката за ТОАРИЛУЦ во изминатиот период е зголемен бројот на пациенти повредени во сообраќајни незгоди. Меѓу нив се и околу петмина мотоциклисти со тешки повреди, информираше директорот на Клиниката, д-р Игор Мерџановски.
Тој посочи дека меѓу пациентите има и лица кои колабирале поради високите температури, по што доживеале сообраќајни незгоди.
„Имаме пациент со повреда на вратот кој успеавме да го спасиме и очекуваме неговата состојба да биде добра. Имавме и пациент кој поради високите температури колабирал додека управувал возило, изгубил свест и удрил во друго возило. И тој пациент беше опериран“, изјави Мерџановски.
Според него, ова лето се регистрираат и повеќе случаи на колапс и падови поврзани со високите температури. Меѓу повредените има градежни работници кои паднале поради жештините, лица кои колабирале додека управувале возило, како и повозрасни пациенти кои при паѓање се здобиле со скршеници.
Најчесто станува збор за фрактури кај повозрасните лица, кои во дел од случаите бараат оперативно лекување.
Мерџановски апелираше граѓаните да избегнуваат изложување на високите температури, особено во најтоплиот период од денот, од 11 до 17 или 18 часот, да избегнуваат непотребни патувања во тој период и да внесуваат доволно течности.
Тој ги повика граѓаните да ги следат препораките на здравствените институции и службите за итна медицинска помош во услови на топлотен бран.
