Мерцедесот сè уште е во владината гаража – колку амбулантни возила има во еден „тенк“?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Еден повик за донации од страна на директорот на болницата во Струмица, ја вжешти атмосферата и поттикна полемика меѓу политичарите, но и граѓаните. Македонија кубури и со медицински кадар, но и со опрема. И двете се повеќе од потребни во едно вакво време.

Актуелната власт, го знае проблемот, а изгледа и решението. Го најавуваше како една од точките кои ќе имаат приоритет по локалните избори, со цел воведување на социјални политики согласно потребните на граѓаните.

„Ќе го вратиме тенкот, Мерцедесот на Груевски од 600.000 евра и со парите од неговата сегашна вредност ќе набавиме амбулантни возила за клиниките во Македонија. Нека биде ова симбол на новото време, во кое ставаме крај на расипничкото трошење и воведуваме социјални политики согласно потребите на граѓаните“, изјави Зоран Заев на митинг пред локалните избори во 2017 година.

Но, ништо од ова. Поминаа повеќе од три години, мерцедесот сè уште е паркиран во владините гаражи, иако веќе имаше одлука за негова продажба, но од Владата се предомислија.

„Донесовме одлука да ја ставиме во мирување продажбата на Мерцедесот со цел да осигураме дека никој нема, нема да ја искористи за да избегне одговорност во судскиот процес каде ова возило е материјал доказ“, изјави тогаш владиниот портпарол Миле Бошњаковски.

Од одговорност веќе избега екс премиерот Никола Груевски, кој ужива азил во Унгарија. А во затвор завршија Гордана Јанкуловска и Ѓоко Поповски. Но, судскиот процес заврши, па денеска го потсетивме премиерот Зоран Заев за неговото ветување.

„После пресудата на Врховен суд предметот е завршен исега може да се направи вештачење колку пари би можел да се продаде и да се направи одлука согласно тоа, што да се прави со него. Инаку 60 амбулантни возила очекуваме донација на почетокот на 2021 година“, изјави денеска премиерот Зоран Заев за ТВ21.

Според истражувањето на ТВ21, на германски пазар моментално ваков мерцедес со поминати над 9.000 километри, вреди 315.000 евра.

Но последното вештачење кое беше направено, мерцедесот беше проценет на 230.000 илјади

Евраа, а во 2018 година се бараше и фирма за негово одржување и сервис, цената беше 27.000 евра без ДДВ.

Инаку, едно возило отприлика чини околу 40.000 евра, па така наречениот „тенк“ може на државата да и донесе пет до шест амбуланти возила.

Според премиерот Заев, на почетокот од 2021 година очекуваме донација од 60 амбуланти возила, а до тогаш државата во време на пандемија ќе треба како знае и умее да се бори со 183 амбуланти возила кои се ставени на располагање на 47 здравствени институции.

Просечната старост на амбулантните возила е 11 години, односно тие се просечно произведени во 2008 година. 13% од возилата се произведени во минатиот век, односно пред 2000 година.