Поранешниот албански претседател Илир Мета, предупреди на ескалација на акциите на опозицијата. Тој порача дека „нема друг пат, и дека пресметката со злото нема да сопре“.
-Акцијата на опозицијата нема да запре, па дури и дополнително ќе ескалира. Опозицијата нема друг начин освен да ја засили својата акција. Значи ќе го продолжиме овој фронт во однос на конфронтацијата со оваа власт, во пресметката со злото, каде и да е, затоа што секоја клетка на администрацијата е силно заразена од непотизам и неодговорност, рече меѓу другото Мета во изјава за новинарите.
Обвини дека Албанија се смета за Колумбија на Европа, „шверцерите поддржани од владата а полицијата во служба на дрогата и криминалот ја претворија Албанија во нарко држава“.
До сега опозицијата има одржано 10 протести, повеќето пред општинската зграда во Тирана, последниот во четвртокот пред зградата на парламентот, сите придружени со фрлање молотови коктели, насилно однесување кон полицијата и со барање за заминување на градоначалникот Ерион Велиај и владата на чело со Еди Рама.
