Миланов: Останува на сила забраната за користење на вода од гостиварскиот водовод

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Оливер Миланов денеска на прес-конференција во Владата истакна дка и натаму е на сила забраната за користење на водата од гостиварскиот водовод.

„Забраната за користење на водата од гостиварскиот водовод за пиење и подготовка на храна останува на сила сè додека лабораториските тестови не ја потврдат нејзината безбедност. Продолжуваме внимателно да ја следиме состојбата и да ги преземаме потребните законски мерки за целосно расветлување на случајот, како и за отстранување на причините што доведоа до оваа состојба и го загрозија здравјето на граѓаните. Ја уверуваме јавноста дека ниту еден аспект од постапката нема да остане неистражен“, рече Миланов.

Миланов објави дека активностите на инспекциските служби продолжуваат и денес преку контроли врз операторите со храна во гостиварскиот регион. Целта на вонредните мерки и засилените контроли, нагласи тој, е точно да се утврди изворот на контаминација, степенот и обемот на загадувањето, како и да се обезбедат нови релевантни лабораториски резултати, врз основа на кои ќе се преземат сите понатамошни мерки во овој случај.

„Агенцијата за храна и ветеринарство внимателно ја следи состојбата со квалитетот на водата за пиење во Општина Гостивар. Од првиот момент кога беа примени информации за можен ризик по јавното здравје, врз основа на известувањето на јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство на Гостивар и извештајот од Министерството за внатрешни работи на Гостивар за можно нарушување на безбедноста на водата за пиење во водоснабдителниот систем на Гостивар, инспекциските служби на АХВ извршија вонредна контрола во овој водоснабдителен систем во селото Вруток, Општина Гостивар“, рече Миланов.

Според него, во согласност со законските овластувања и утврдените протоколи, увидот е извршен на 16 јули, во доцните вечерни часови, во соработка со претставници на Министерството за животна средина, Полициската станица Гостивар и криминалистичката опрема на МВР.

„При инспекцијата е утврдено дека во главниот цевковод на водоводната мрежа се поставени нелегално и без дозвола пумпи, кои директно вбризгуваат вода од реката Вардар во овој водоводен систем“, нагласи директорот.

Тој додаде дека експерти од Институтот за јавно здравје зеле четири примероци вода од резервоарот (изворот на вода), површинската вода и од јавна чешма во џамија, за лабораториско тестирање со цел да се утврди безбедноста на водата.

За да се спречи поголем ризик за жителите на овој регион, АХВ веднаш воведе привремена забрана за употреба на вода за пиење. Вчера активностите беа значително проширени, при што инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство зедоа дополнителни примероци од целиот систем за водоснабдување, вклучувајќи ги јавните установи, градинките, угостителските објекти и други кои ја користат оваа вода за пиење и подготовка на храна“, рече Миланов.

Тој нагласи дека, во рамките на законските овластувања, Агенцијата ќе преземе сите потребни мерки против сите субјекти каде што ќе бидат утврдени недостатоци или непочитување на законските обврски.

„Апелираме до граѓаните континуирано да ги почитуваат препораките на надлежните здравствени установи и локалните власти во врска со употребата на водата за пиење, сè до добивањето на конечните лабораториски резултати и целосно нормализирање на состојбата“, нагласи Миланов.

Тој додаде дека АХВ зема официјални примероци од вода, додека тестирањето на примероците го врши Институтот за јавно здравје, кој официјално мора да ги достави резултатите до Агенцијата за храна и ветеринарство.