Милиони го продолжуваат аџилакот во Индија еден ден по смртоносното стампедо

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Милиони Хиндуси пристигнаа денеска во северниот индиски град Прајаграџ за да присуствуваат на фестивалот Маха Кумб, еден ден откако десетици верници ги загубија животите во стампедо за време на шестдневниот настан.

Полицијата соопшти дека најмалку 30 лица загинале вчера во стампедо на најголемиот собир во светот. Најмалку други 60 лица се повредени.

Стампедото се случило кога верниците се упатиле кон реката во која сакале да влезат во рамките на фестивалот. Вчера до 20 часот по локално време тоа го направиле повеќе од 76 милиони луѓе, а се планира уште повеќе да влезат во реката.

Повеќе од девет милиони луѓе влегле во реката

Денес, на сливот на трите свети реки, повеќе од девет милиони луѓе влегоа во водата. Некои од посетителите се уште се вознемирени од трагичниот настан од претходниот ден.

Кришна Сони, студент од западната држава Раџастан, се врзал со уште осум членови на семејството со јаже за да не се изгубат во гужвата.

„Одиме многу внимателно и се обидуваме да ги избегнеме областите со повеќе гужви“, рече тој за Ројтерс.

Фестивалот се одржува на секои 12 години и се очекува да привлече вкупно 400 милиони верници оваа година, во споредба со аџилакот Хаџ во Саудиска Арабија кој привлече 1,8 милиони аџии минатата година.

Хиндусите веруваат дека капењето на сливот на три свети реки – Ганг, Јамуна и митската Сарасвати ги ослободува луѓето од гревот.