ЕСМ соопштува дека по донесувањето на владината одлука, и потпишаниот договор, започнува привременото управување со БЕГ и со АД Скопје Север. Државната компанија ЕСМ посочува дека одлуката да управува со парното греење во Скопје е резултат на неможноста приватните компании да го гарантираат тоа.
„Средствата од 6 милиони евра кои наменски се одредени од Владата за справување со кризата со топлинска енергија, согласно договорот ќе бидат искористени за набавка на гас за производство на топлинска енергија во Балкан Енерџи за набавка на топлинската енергија која се презема од производителот ТЕ-ТО и за други трошоци исклучиво поврзани со производниот процес.“, велат од ЕСМ.
Но што се крие зад кризата со топлинската енергија за што граѓаните со денови остануваа со ладни радијатори. Само ден пред преземањето на управувањето на топлинската енергија од ЕСМ, компанијата БЕГ склучила договор во вредност од 40 милиони евра за набавка на 52.1 милиони килограми мазут со фирмата РКМ на бизнисменот Ратко Капушевски. Договорот е постигнат преку рамковна спогодба на 20 јануари годинава по цена од 39.26 денари за килограм мазут, кој е постигнат без објавување оглас. Во самото известување за склучениот договор за јавна набавка во образложението зошто нема оглас стои:
„Оправданост за изборот на постапката со преговарање без претходно објавување: кога по претходно спроведени две отворени постапки или поедноставени отворени постапки не е поднесена ниту една понуда или ниту една соодветна понуда, односно кога по претходно спроведени две ограничени постапки не е поднесена ниту една пријава за учество или ниту една соодветна пријава за учество во првата фаза, под услов да не се значително сменети условите од тендерската документација.“, велат од Бирото за јавни набавки.
Она што предизвикува сомнеж е и тоа што само ден пред да се склучи договорот со БЕГ односно на 19 јануари, Капушевски регистрирал подружница складиште на мазут. Ваквиот начин на функционирање меѓу БЕГ и фирмите на Капушевски не е ништо ново. И минатата година БЕГ склучил договор со РКМ во висина од 22 милиони евра за набавка на 55 милиони килограми мазут и тоа во случај на потреба иако количината е за цела грејна сезона. Ова предизвика бројни шпекулации не само поради тоа што РКМ добило лиценца од Регулаторната комисија за енергетика само 17 дена пред склучување договор, туку и поради тоа што фирмата на Капушевски повторно, како и сега, се јавува како единствен понудувач.
