Новиот директор на Агенцијата за национална безбедност Зарко Милошевски во вторник за кога е закажана собраниската Комисија за надзор над АНБ најверојатно ќе оди со нов извештај за да реферира за случајот со позитивното мислење за државјанството на Онишченко. Новиот директор на безбедносните служби деновиве спровел нова проширена истрага, од новоформираната Дисциплинска комисија откако ја распуштил старата која веќе работела на овој случај.
Од ВМРО ДПМНЕ велат дека Милошевски со ова го заташкува случајот со Онишченко, бидејќи е тој директно одговорен за направениот пропуст затоа што со свој потпис ја одобрил позитивната проверка за украинскиот олигарх.
„Милошевски со формирањето на нова Комисија не ги штити двајцата вработени во АНБ против кои е покрената постапката, туку себе си, бидејќи тие хиерархиски се под него, а тој бил функционерот кој ја одобрил проверката. Формирањето на нова Комисија составена од блиски луѓе на Зарко Милошевски има само за цел да ја заташка реалната истрага. Зарко Милошевски знае дека е директно одговорен во постапката за давање на државјанство на Онишченко, бидејќи тој ја одобрил позитивната проверка, а Виктор Димовски го потпишал актот што тој го одобрил“, вели Драган Ковачки.
Вчера премиерот Димитар Ковачевски не сакаше многу да говори за овој случај, само рече дека новиот директор ќе треба да реферира и пред пратениците и пред Владата на затворена седница.
„Ќе продолжи расправата на таа седница во координација помеѓу претседателот на Комисијата, претседателот на Собранието веројатно и директорот на Агенцијата за национална безбедност, со тоа што таа истрага сега ќе треба да ја доврши новото раководство на Агенцијата за национална безбедност, да реферира пред Собранието и исто така да реферира пред Владата, нормално на затворена седница и потоа да можат да се преземат соодветни чекори, согласно со наодите од таа истрага“, посочи Димитар Ковачевски.
Милошевски кој позицијата прв човек на АНБ ја презеде пред десетина дена од екс директорот Виктор Димовски, дојде од Секторот за меѓународна и соработка со НАТО, односно токму од Одделот кај кои беше утврдено дека е направен пропустот за случајот со Онишченко.
